Архитекти, писатели, новинари, режисери, универзитетски професори и други македонски интелектуалци ја поддржаа граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“, која во текот на утрешниот ден, со почеток од 19 часот, го организира целовечерниот настан за зачувување на постоечкиот препознатлив изглед на Градскиот трговски центар. Обраќањето на познати јавни личности, формирањето на живиот ѕид и концертот на македонските музичари ќе се одржи пред овој симбол на Скопје. На присутите ќе им се обратат Даница Павловска (архитект), Сања Раѓеновиќ Јовановиќ (претседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија), Мартин Гулевски (универзитетски професор на Архитектонскиот факултет), Донка Барџиева Трајковска (универзитетска професорка), Василка Димитровска (археолог), Јовица Ивановски (поет) и Томислав Османли (писател).
Во музичкиот дел од утрешната програма ќе настапат Ана Костовска, Лева Патика, Мирко Попов, The Џака Накот, Костадин Шурбановски и Збир од Скопски анонимни музичари. Настанот ќе го водат Огнен Јаневски, Марин Бабиќ и Сања Арсовска. Покрај концертниот дел и обраќањето на македонските интелектуалци за архитектонското и севкупното значење на Градскиот трговски центар, организаторите предвидуваат да оформат жив ѕид околу објектот. Со најавената „барокизација“ на трговскиот центар не се согласува ниту познатиот македонски режисер Александар Поповски, кој е внук на архитектот на Градскиот трговски центар, покојниот професор Живко Поповски.
„Ве повикуваме на заедничка акција за зачувување на архитектурата, карактерот и духот на нашиот Градски Трговски Центар – ГТЦ, затоа што секоја негова несоодветна промена е сквернавење и на нашите спомени и лични истории. ГТЦ е нераскинлив дел од Идентитетот на Скопје, негов знак за препознавање, наше градителско, историско и културно Наследство“ велат од иницијативата „Го сакам ГТЦ“, повикувајќи ги граѓаните на масовно присуство на утрешниот настан.