Претходна статија
АДСДП ќе гради повеќе комерцијални станови во 2015 година
Следна статија
Трета шанса за изградба на затворен пазар во Охрид

Започнува „барокизацијата“ на улица „Македонија“

Објавено на 26.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Централната пешачка зона во Скопје ќе добие „барокна“ фасада. Градот Скопје распиша тендер за избор на градежна компанија што ќе ја реконструира фасадата на објектот на улица „Македонија“ бр. 25, а вредноста на зафатот е проценета на околу 720 илјади евра без вклучен ДДВ. Заедно со 22 други згради, ова здание во октомври 2012 година доби ново идејно решение за планираниот градежен зафат, кое го подготвија авторите Жарко Чаушевски и Звонко Ставревски. Во 2013 година се изработија и основните проекти од бироата „Проинг Љубе“ од Битола и „Архитектоника“ од Скопје наменети за овие градби од центарот на Скопје.

 

 

 

Градот Скопје за наредната година издвои 6,2 милиони евра за видоизменување на постоечкиот лик на објектите од централното градско подрачје. Изведбата на нови „барокни“ фасади е еден од најголемите финансиски издатоци од градскиот буџет за претстојната година. Објектот на улица „Македонија“ со број 25 е првиот што ќе биде опфатен со планот за промена на надворешниот изглед на зданијата во согласност со владиниот проект „Скопје 2014“. Овој зафат веќе започна врз фасадите на оние згради што се лоцирани долж улиците „Никола Вапцаров“ и „Димитрија Чуповски“.

 

Улица „Македонија“ е пуштена во употреба во јуни 1911 година во чест на посетата на турскиот султан Мехмед V Решад. Таа претставува главна урбана зона на македонската метропола, која го оформува пешачкиот коридор од Старата железничка станица до турската чаршија. По нејзината должина егзистираат објекти од различни архитектонски стилови, подигнати од почетокот на дваесеттиот век до денес.

 

 

Бојан Блажевски