Откако се промени раководството на Општина Центар, Градот Скопје ја презеде иницијативата за доизградба на плоштадот „Карпошово востание“. Во 2015 година партерно ќе се уредува потегот околу црквата „Св. Димитрија“ и платото пред Меморијалниот музеј на холокаустот. Тендерот за реализација на проектот веќе е распишан, а до 15 јануари 2015 година ќе се примаат понудите од заинтересираните компании. Градот очекува дека довршувањето на плоштадот ќе чини околу 760 илјади евра. Со најновиот градежен зафат, вкупната цена за изведба на јавниот простор кај црквата „Св. Димитрија“ се искачи на преку 10,5 милиони евра.
„Целта на овој проект е создавање на осмислен отворен простор, оформен како локален плоштад кој во себе ќе прими различни содржини, ќе понуди различни можности и ќе стане дел од животите на луѓето кои гравитираат во тој дел на градот“, се вели во образложението за остварување на градежниот зафат од страна на Градот Скопје. Со доизведба на западната страна од веќе изградениот плоштад, очекувањата се дека конечно ќе се заокружи реализацијата на овој проект од „Скопје 2014“. Градежните работи на оформениот плоштад започнаа во јули 2011 година. Централно место на плоштадот зазема скулптурата на Филип Втори, дело на авторката Валентина Стевановска.
» Форумска дискусија за плоштадот Карпошово востание
Бојан Блажевски