Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП) во наредната година планира да ја зголеми бројката на новоизградени комерцијални станови. Директорот на АДСДП Цветко Грозданов во денешната изјава за медиумите информираше дека наредната година ќе продолжи изградбата на комерцијални и на станови за лица со социјален ризик и други ранливи категории. Тој се надева дека во 2015 година ќе има поголема динамика во производството на станови за комерцијални намени. Во делот на социјалните станови, веќе е во тек изградба на станбени единици во Демир Хисар, Ресен и Прилеп за оваа категорија на граѓани. Истовремено, започната е реализацијата на станбен блок со 126 станови во скопската општина Аеродром.
Во однос на моменталната понуда на станови од АДСДП, во Реонски центар Аеродром веќе се предадени во употреба 325 станови, како и дополнителни 50 станови во објектот Радио бран на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Првиот човек на ова претпријатие извести дека 85 отсто од овие станбени површини веќе се продадени на познати купувачи. Воедно, од АДСДП најавуваат дека во наредната година ќе продолжи изградбата на станови што држат цена до 900 евра за метар квадратен, со што се вклопуваат во рамки на владиниот проект „Купи куќа, купи стан“.
Директорот Грозданов изјави дека ќе продолжат да учествуваат во индиректната регулација на вредноста на становите што се нудат на пазарот на недвижности. „Сведоци сме дека цената што беше актуелна во 2012 и 2013 година се намали и очекуваме дека следната година цените на становите ќе бидат реални и пазарни“, уверува првиот човек на АДСДП.