Градот Скопје денеска објави Конкурс за избор на идејно решение за изведба на новиот забавен парк во Градски парк. Замислениот проект ќе се подигне на местото на постоечкиот Луна парк, за кој градската власт безуспешно се обидуваше да пронајде приватен партнер за неговата изградба уште од 2011 година. Откако не успеа да го оствари проектот по принципот на јавно – приватно партнерство, Градот Скопје се одлучи од сопствениот буџет да издвои финансиски средства за оваа намена во висина од 7 милиони евра. Како прва етапа од целокупниот проект, градските власти ќе се обидат да изберат архитектонски труд што ќе го определи изгледот на Забавниот парк.
Архитектите кои ќе учествуваат на распишаниот Конкурс треба да достават идејни решенија што ќе задоволат четири основни критериуми: изводливост и одржливост, инвентивност во пристапот на обликување, економичност на решението и целосно почитување на програмските барања. На авторот на најуспешниот авторски труд ќе му се додели прва награда во нето износ од 200.000 денари, втората награда од архитектонскиот Конкурс изнесува 100.000 денари, додека третонаградениот труд ќе се вреднува со 80.000 денари. Идејните решение треба да се достават до Градот Скопје најдоцна до 23 февруари 2015 година.
Замислениот Забавен парк во главниот град е планирано да се прострира на површина од 40.000 метри квадратни. Овој проект чека на реализација со години наназад. Скопјани во моментов имаат можност да го користат Луна паркот, чии реквизити се наоѓаат во катастрофална состојба поради тоа што не е неизвршена позначајна реконструкција на зданието веќе неколку децении.
» Форумска дискусија за овој проект
Бојан Блажевски