Претходна статија
Странци го пикираат Вевчани како иден ски - центар
Следна статија
Продолжува гасификацијата на Куманово

Граѓаните масовно ја поддржуваат иницијативата „Го сакам ГТЦ“

Објавено на 23.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Расте поддршката за иницијативата „Го сакам ГТЦ“, која се залага за зачувување на постоечкиот автентичен изглед на Градскиот трговски центар. Информативниот пулт на иницијативата лоциран на улица „Македонија“ е отворен секојдневно за македонските граѓани, кои во голем број веќе ја дадоа поддршката со својот потпис за спречување на најавената „барокизација“ на препознатливиот симбол на Скопје. Заинтересираните граѓани секојдневно можат да се информираат за иницијативата, да ги разменат своите ставови со домаќините на штандот, но и да го стават својот потпис како поткрепа на граѓанската иницијатива.

 

 

 

Од отпочнувањето на иницијативата до денес, граѓаните имаа можност на информативниот пулт да поразговараат со серија на јавни личности, меѓу кои политичкиот аналитичар Ивор Мицковски, новинарката Јорданка Ивановска, архитектот Петар Ѓорѓевиќ, активистот Никола Наумовски и директорката на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска. И во наредните денови ќе продолжат овие активности, и тоа во периодот од 16:30 до 21 часот.

 

извор: www.facebook.com/GoSakamGTC

 

 

Од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ имаат јасни ставови за нивното дејствување. „ГТЦ мора да остане отворен, проточен за пешачко движење, функционален, автентичен, градски. ГТЦ треба да се реконструира, но автентично, треба да се „подмлади“, за да блесне во сиот сјај! Треба да заживее кровната тераса, да се интервенира со нова програма, а не со кулиси“, порачуваат од оваа граѓанска иницијатива. Централниот настан за зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ е најавен за 28 декември. Организаторите планираат јавни говори на македонски интелектуалци, формирање на жив ѕид околу ГТЦ, како и музичка програма со настап на Ана Костовска, Контраплан, Еј Бреј, Гранит – Лева Патика и други музичари.

 

 

Бојан Блажевски