Консултантската куќа „МДП Консалтинг“ од Франција заврши со изработката на физибилити студија и мастер план за развој и изградба на скијачки центар на планината Јабланица, над селото Вевчани. Во изготвената документација се даваат препораки за натамошната постапка за реализација на овој проект, односно моделите на развој на планираниот зимско – рекреативен центар. Врз основа на препораките на француските консултанти, државната компанија МЕПСО во натамошниот период ќе треба да одлучи на кој начин ќе се развива планираниот ски – центар над Вевчани. Според информациите што ги објави телевизија „Алфа“, во моментов постои интерес за овој проект кај инвеститори од Русија, Словачка, Австрија и Бугарија.
„МДП Консалтинг“ предвидува зимско – рекреативниот центар да се состои од скијачки патеки со должина од 30 километри, жичарница долга 3,5 километри, како и пет до шест хотели лоцирани на падините на планината Јабланица. Вкупниот капацитет на ски – центарот би бил од 4.000 до 4.500 посетители дневно. Како подготовка за реализација на проектот досега се издвоија финансиски средства од околу 180 илјади евра за спроведување на консултантските услуги.