Претходна статија
Проектот „Купи куќа, купи стан“ повторно се промовира преку саем
Следна статија
ТЕМА: Македонија и Албанија без договор за автопатот од Коридор 8?!

ФОТО ВЕСТ: Бравурозното дело „Пошта – 1“ крвари од негрижа полни две години

Објавено на 21.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Под налетот на насилен кич и сеопшто ништење на архитектонските вредности во центарот на главниот град, раководството на Македонски пошти не најде за сходно ниту да ја започне реконструкцијата на бравурозната шалтер сала во рамките на објектот „Пошта – 1“. Ова препознатливо здание од разгледниците на македонската метропола, веќе две години ја губи битката со државно финансираниот проект „Скопје 2014“. По катастрофалниот пожар од средината на јануари 2013 година, многу малку е променето во рамки на објектот лоциран во центарот на Скопје.

 

###

 

Јагленосаната шалтер сала, искршените прозорци и нерасчистениот смет од пожарот сè уште го гнасат централното градско подрачје. Заедно со вредното архитектонско дело, пламените јазици го голтнаа и муралот на славниот уметник Борко Лазески. Бројните најави за целосна санација на „Пошта – 1“ засега остануваат на хартија, чекајќи ја конечната одлука на раководството на Македонски пошти. Колку за потсетување, архитектонски творец на ова здание е авторот Јанко Константинов, за чија оригиналност и смела идеја при конципирањето на овој објект му е доделена државната награда „11 Октомври“ во 1975 година.

 

###

 

Целокупниот комплекс е оформен во три етапи во периодот од 1974 до 1989 година. Изворното здание претставува аналогна интерпретација на формите од скопската тврдина, лоцирана на спротивната страна од реката Вардар. Врвниот концепт на архитект Јанко Константинов е негов личен придонес во возобновувањето на Скопје по земјотресот од 1963 година, природна катастрофа која што го поттикна овој автор да се врати во Македонија и да учествува во повторната изградба на главниот град.

 

 

Текст и фото: Бојан Блажевски