Завчера во Градско свечено беше одбележано заокружувањето на производствениот циклус на винаријата „Стоби“, во која досега се инвестирани 15 милиони евра. Винаријата располага со најсовремена технологија, а нејзиниот капацитет е 4,5 милиони литри вино годишно, со вредност од околу 8 милиони евра. Самата винарија вработува 30 лица, додека на лозовите насади се ангажирани околу 330.
Капацитетот е лоциран во индустриската зона на Општина Градско, во непосредна близина на стариот пат Скопје – Гевгелија (Р-103). Објектот е во форма на буквата П која е условена од конфигурацијата на теренот, потребата од различни сообраќајни пристапи и максимално искористување на парцелата. Во негов состав влегуваат 8 функционални единки периметрално распоредени околу централниот двор и со вкупна квадратура на сите нивоа од приближно 9.000m². Единките се со пропорција во сооднос од 1:1 (24m х 24 m) и 1:1,618 (24m x 38,8m – златен пресек). Се работи за објект од „отворен карактер“ проектиран и за вински туризам, а без нарушување на технолошкиот процес. Во иднина е предвидена и триаголна кула-видиковец висока 35m, која на највисокото ниво би имала ресторан со прекрасен поглед на околината, пред се реката Вардар и локалитетот Стоби.
Автори на идејното решение се Александар Радевски д.и.а и Викторија Ставриќ – Радевски д.и.а, кои за него ја добија и големата награда на БИМАС 2010. Основниот проект го изработи Институтот за студии и проектирање на „Бетон“ АД Скопје, на чело со координаторот М-р. Блаже Панов д.г.и. и одговорните проектанти Вера Жежељ д.и.а и Викторија Будимовска Скаричева д.и.а. Скопски „Бетон“ исто така беше и изведувач на градежните работи.