Општина Чаир денеска објави Конкурс за избор на идејно решение за изработка на мозаици што ќе се редат на Надземниот пешачки премин, кој треба да го премости скопскиот булевар Гоце Делчев. За определување на најиздржаната и најквалитетна замисла на уметниците, локалната самоуправа формираше жири – комисија во состав: Џенгис Хани, Хусамет Агушовски, Бесијан Мемети, Скендер Асани и Меџаит Положани. Тие ќе треба да одлучат кој автор ќе ја добие првата награда во парична вредност од 300.000 денари, како и втората награда во износ од 100.000 денари и третата награда во висина од 60.000 денари. Заинтересините артисти треба да ги достават своите идејни решенија најдоцна до 15 јануари 2015 година.
Изработката на мозаиците на Надземниот пешачки премин е составен дел од втората фаза од изградбата на плоштад „Скендербег“. Во насока на поврзување на скопската чаршија со објектот на Македонска опера и балет, неодамна фирмата „Бауер БГ“ беше избрана за изведувач на работите. За спроведување на проектот се издвоени финансиски средства во висина од околу 10 милиони евра. Плоштадот „Скендербег“ е планирано да се простира на површина од 28.674 метри квадратни, вклучувајќи ја и веќе реализираната прва фаза во вредност од околу 2,7 милиони евра.
» Форумска дискусија за овој проект
Бојан Блажевски