Градежните работи завршија, реконструираната зоолошка градина во Битола денеска беше свечено отворена за посетителите. Изведени се нови живеалишта за нилскиот коњ, мечката, рисот, лавот и тигарот, лисицата и ракунот, мајмуните, фармата за домашни животни, како и два комплементарни објекти (порталот и билетарата). Општина Битола во претстојниот период хортикултурно ќе го уреди целиот простор, ќе изведе нови пешачки патеки и друга инфраструктура.
За остварување на овој проект беа искористени финансиски средства од Проектот „Иновативни едукативни програми за зајакнување на природните ресурси во прекуграничниот регион Пелагонија / Лерин – ЗОО ИННОВАТИВА“, кој е имплементиран од страна на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, во партнерство со Општина Битола, Зоолошката градина во Битола, Општина Лерин и Регионална развојна агенција на Лерин – АНФЛО, во рамките на програмата за Прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција. Проектот е финансиски поддржан од страна на Делегација на Европската Унија и Министерството за локална самоуправа (85% од средствата се обезбедени преку Делегацијата на Европската Унија, а 15% преку Министерство за локална самоуправа).
Реконструкцијата на живеалиштата во Зоолошката градина започна во јуни годинава, а ги реализираше компанијата „Стентон градба“ од Битола. Претходно, во текот на пролетта 2012 година беше претставен идејниот проект за просторот со површина од два хектари, изработен од „Есперанца дизајн“.