По подолг временски период на континуирано намалување на цената на становите во Скопје, вредноста на овој вид недвижности во третиот квартал од годинава бележи позначаен пораст. Според информациите објавени во Кварталниот извештај на Народната банка на Република Македонија (НБРМ), индексот на цените на становите во главниот град бележи забрзан раст од 4% на квартална основа, како и зголемување од 2% на годишна основа.
„Согласно со движењето на релевантните показатели растот на цената на становите соодветствува со континуираниот солиден раст на станбените кредити, што упатува на натамошно зајакнување на побарувачката на станови“, се нагласува во извештајот на НБРМ. Понудата на становите во изминативе години забрзано расте, така што кумулативната вредност на станбените згради во периодот 2011-2014 година е повисока за 61% од вредноста во периодот 2007-2010 година. Од централната банка нагласуваат дека е тешко да се утврди дали растот на цените на становите во Скопје ќе продолжи во наредниот период, или пак, станува збор за привремено поместување во третиот квартал од годинава.
Придвижувањата на пазарот на недвижности во Скопје се изготвуваат врз основа на хедоничкиот индекс на цените на становите, изготвен од страна на НБРМ со користење на огласите за продажба на становите што се објавени од агенциите за промет со недвижности.
Бојан Блажевски