Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) побара укинување на казните за граѓаните што планира да ги воведе македонската влада во однос на енергетската ефикасност. „Власта на Никола Груевски воведува глоби до 3.000 евра за граѓаните, доколку по извршена значителна реконструкција на некој објект не обезбедат сертификат за енергетски карактеристики. Бараме глобите да бидат укинати, а државата да ги преземе трошоците за овој сертификат кој го бара од граѓаните“, изјави Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски во СДСМ.
Во насока на спроведување на мерките на енергетска ефикасност, оваа опозициска партија предлага директна финансиска помош од државниот буџет која би изнесувала 20% од вкупната инвестиција на граѓаните. Мерките за субвенционирање би се однесувале за новите станбени објекти, но и за постоечките објекти што немаат енергетска заштита. Државата ќе треба да обезбеди субвенционирање на граѓаните за изолација на плафонот или таванот на највисокиот кат од објектот, поставување на надворешна топлинска изолација, замена на прозорците и изолација на плафонот на подрумот.
„Граѓаните ќе плаќаат три пати помали сметки за струја, но и помали сметки за парно. Ќе се намали увозот на струја, ќе се заштедат многу пари, а и ќе се намали загадувањето на воздухот“, велат од СДСМ. Во согласност со предложените измени на Законот на градење, од 1 јануари 2015 година македонските граѓани ќе мора да обезбедат енергетски пасош при позначителна реконструкција на старите објекти. За физичките и за правните лица се предвидени казни од 1.000 до 3.000 евра, доколку не се обезбеди сертификат за енергетски карактеристики на објектот.