По неколкугодишниот тренд на континуирано опаѓање на превозот, Македонски железници – Транспорт конечно успеа да го зголеми обемот на работа во третиот квартал од годинава. Товарниот железнички превоз бележи пораст од 21,3% во споредба со периодот јули – септември 2013 година, но и зголемување во транспортот на стоки од 15,5% во однос на вториот квартал од 2014 година. Возовите во првите девет месеци успеале да превезат 1.808.000 тони стоки во националниот и во меѓународниот превоз.
Истовремено, првични позитивни резултати можат да се забележат и кај патничкиот сообраќај. Бројот на патници во периодот јули – септември 2014 година е зголемен 8,9% во споредба со претходниот квартал, иако е забележително намалувањето од 5% во однос на идентичниот период лани. Воведувањето на експресниот воз кон Солун значително го зголеми и бројот на граѓани што го користат меѓународниот транспорт, каде што се регистрирани 10.000 патници. Со воз во првите девет месеци од годинава патувале вкупно 581.000 патници, што сепак е премалку во споредба капацитетите со кои располага МЖ – Транспорт.
Во третиот квартал од 2014 година е констатирано зголемување на бројот на патници во патниот превоз за 11,1% во споредба со идентичниот период од минатата година. Од јануари до септември, автобусот како превозно средство во меѓуградскиот сообраќај го искористиле 5.288.000 патници. Истовремено, Државниот завод за статистика во својот извештај бележи огромен пораст од 21% кај сумата на транспортирани патници во градско – приградскиот превоз во однос на третиот квартал од 2013 година. Како што веќе беше објавено, во периодот јули – септември 2014 година се зголемил за 18% и бројот на патници во воздухопловниот превоз.
Македонскиот товарен транспорт бележи позитивни резултати во делот на патниот и на воздухопловниот превоз. Камионскиот превоз на стока во третиот квартал од годинава пораснал за 13,2% во однос на идентичниот период лани, додека авионскиот карго – превоз бележи раст од 96,4% во текот на изминатово лето. Државниот завод за статистика изготвува извештаи за движењата на превозот на патници и стока четири пати во текот на годината.
Бојан Блажевски