Претходна статија
Жерновски: ДУП-овите во Центар се нелегално донесени
Следна статија
Скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ со нов надворешен изглед

Реконструкција на објект без енергетски пасош – казна од 3.000 евра

Објавено на 26.11.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Владата подготви нови казни за граѓаните во делот на применувањето на мерките за енергетска ефикасност. Со најновите предлози за изменување на Законот за градење е предвидено од 1 јануари 2015 година да се изрекуваат казни од 1.000 до 3.000 евра на физички и на правни лица кои нема да обезбедат сертификат за енергетски карактеристики на зградата, и тоа за просториите што значително ќе ги реконструираат. Најавените измени денеска беа претставени пред Комисијата за транспорт, врски и екологија во Собранието на Р.М. Без обезбеден сертификат за енергетска ефикасност, нема да може да се пушти во употреба објектот што е предмет на реконструкција.

 

 

 

Најновите владини предлози значат дека граѓаните и компаниите при поголема реконструкција на своите објекти ќе мораат да одвојат финансиски средства за спроведување на мерките за енергетска ефикасност. Покрај материјали и градежни работници, задолжителна ќе биде дозволата и оценката од енергетските контролори како овластени лица, кои на крајот ќе треба да издадат енергетски пасош за реновираното здание. Со овој документ ќе се изврши класификација на објектот врз основа на неговите енергетски карактеристики. Сите оние субјекти што нема да ја испочитуваат оваа процедура ќе бидат подложни на казнените мерки.

 

„Со Предлог Законот се врши усогласување со Законот за енергетика во делот на енергетска ефикасност на градбите при што се предвидува инвеститорот со барањето за одобрение за градење и за значителна реконструкција за градбите, за кои се применува Правилникот за енергетски карактеристики на зградите, да достави потврда за усогласеност на основниот проект со основните барања на градбата во поглед на исполнување на минималните барања за енергетска ефикасност, а по завршување со изградбата односно реконструкцијата да обезбеди сертификат за енергетски карактеристики на зградата“, се наведува во објаснувањето на содржината на одредбите од предлог – законот.

 

Заедно со значителната реконструкција на зданијата, од 1 јануари 2015 година сите субјекти кои што сакаат да градат некој нов објект ќе бидат обврзани да извадат сертификат за енергетска ефикасност на објектите што ќе ги градат, со што ќе се воведе целосна контрола во спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност, од проектната документација до финалниот објект.

 

 

Бојан Блажевски