Главниот плоштад „Св. Климент Охридски“ и малиот плоштад „Крушевска Република“ во Охрид наскоро ќе бидат подложени на темелна реконструкција – локалната самоуправа денес распиша два Конкурси за избор на идејно архитектонско решение за нивно партерно и за хортикултурно уредување. Во повиците се бараат авторски трудови што ќе понудат нова визија за обликување на јавниот простор спроти градското пристаниште и површината околу Стариот Чинар. Со реализацијата на овие два проекти ќе се видоизмени ликот на централното градско јадро. Архитектите треба да ги достават своите трудови до општина Охрид најдоцна до 22 декември.
За разлика од бројните конкурси во рамки на проектот „Скопје 2014“, охридската локална самоуправа ги објави членовите на жири комисијата: Зоран Рафтоски, Бранко Арнаудов и Горица Гаврилоска ќе определат кој од пристигнатите дела на архитектите ќе се изведе во реалноста. Авторот што ќе понуди најиздржано идејно решение ќе добие прва награда од 80.000 денари, второнаградениот труд ќе се вреднува со 25.000 денари, додека третата парична награда изнесува 20.000 денари. Идентична сума ќе се исплати на победничките решенија за главниот плоштад и за малиот плоштад во градот.
„Основно обележје на секој туристички град е одвивање на животот на Главниот плоштад, кој потоа се шири низ Чаршијата и понатака кон Кејот кој е на некој начин идентитет на градот Охрид и Охриѓани. Хортикултурното и партерното уредување на самиот плоштад ќе придонесе за создавање на Плоштад со градско амбиентален стил што ќе овозможи граѓаните и туристите да уживаат во прошетката“ се вели во повикот, со кој охридската локална самоуправа ги кани архитектите да учествуваат на двата Конкурса.