Искористувањето на сонцето во производството на електрична енергија е бизнис што доживува вистински подем во Македонија. Големиот број сончеви денови на територијата на нашата земја, зголемената достапност на новата технологија и можноста за вклопување на соларните електрани во веќе постоечкиот бизнис на компаниите или пак во рамките на домаќинствата, доведе до значајно зголемување на бројот на овие енергетски објекти. Според податоците на Агенцијата за енергетика од октомври 2014 година, во Македонија се регистрирани 78 фотоволтаични електрани со вкупна инсталирана моќност од 12,07 мегавати и планирано годишно производство од 16.205,65 мегават – часови електрична енергија.
Споредено со јули годинава, регистарот на соларни електрани е надополнет со 13 енергетски објекти што го ползуваат сонцето за добивање енергија. Ваквиот пораст бележи континуитет, ако се земе во предвид дека споредено со март 2014 година, бројката на фотоволтаични електрани е зголемена за дури 35 објекти. Покрај во делот на сонцето, раст во искористување на обновливата енергија може да се констатира и кај малите хидроелектрани. Во регистарот на Агенцијата за енергетика се впишани 33 мали хидроелектрани со инсталирана моќност од 26,68 мегавати и планирано годишно производство од 104.489 мегават – часови електрична енергија. Податоците покажуваат дека четири нови мали хидроелектрани се пуштени во употреба во периодот од март до октомври годинава.
Во согласност со податоците на Државниот завод за статистика, соларните електрични централи учествувале со 0,8% од вкупното бруто – производство на електрична енергија во земјава во текот на август 2014 година. Истовремено, од обновливите извори на енергија (водата, сонцето, ветерот и биомасата) во домашните електрани во осмиот месец од годинава се произведени 36,8% од целокупната електрична енергија.
Бојан Блажевски