Покрај ЈСП-Скопје, во новиот систем за електронска наплата на билети во главниот град ќе бидат вклучени и приватните превозници од „Слобода превоз“ и од „Макекспрес“. Граѓаните со новите електронски картички ќе можат да се возат во било кој автобус од јавниот превоз бидејќи валидаторите за билети ќе бидат поставени во сите автобуси. Сите средства од продажбата на билети ќе ги добива Градот Скопје, по што истите ќе се распределуваат на трите превозници врз основа на поминат километар. Со ова круцијално решение треба да се надминат постоечките проблеми со неунифициран систем за наплата на билети во градскиот превоз.
Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, заедно со директорот на Т-Мобиле Жарко Луковски и првиот човек на ЈСП-Скопје Мишо Николов денеска го претставија проектот за електронска наплата на билети и системот за автоматска локација на возила. Во делот на наплатата, електронскот систем ќе овозможи лесно и брзо плаќање со намалување на времето на задржување на автобуските постојки. Постои можност за воведување на најразлични видови на плаќања, и тоа: дневен билет, неделен билет, временски ограничен билет и зонски билет. На тој начин, јавниот превоз ќе добие опција за воведување на различни тарифни системи.
Наместо печатени билети, граѓаните во иднина ќе мора најпрво да купат електронска картичка за јавен градски превоз, која ќе можат да ја надополнат во зависност од тоа колку возења планираат да искористат. На располагање во главниот град ќе бидат 61 место за надополнување и продажба на картички, меѓу кои влегуваат и три автономни автомати за издавање и дополнување на билети. Истовремено, граѓаните ќе имаат можност за надополнување на своите картички на околу 6.000 места во Скопје. Т-Мобиле, како имплементатор на проектот, најави дека корисниците на јавниот превоз ќе можат да го платат возењето и со мобилен телефон.
За реализација на овој обемен проект, ќе се пуштат во продажба 200.000 електронски картички за граѓаните, додека во автобусите ќе се постават 500 валидатори за електронските билети. За успешна работа на контролорите ќе бидат набавени 50 уреди за контрола на картичките на патниците. При влез во возилата, секој граѓанин ќе мора да ја доближи својата картичка до валидаторот, по што автоматски ќе се одземе сумата за едно возење. Оние патници што ќе се возат без поништено возење ќе добијат казни од овластените лица на ЈСП-Скопје.
Покрај решавањето на наплатата, со новиот систем за автоматска локација на возилата ќе се инсталираат над 50 информациски дисплеи на автобуските стојалишта низ Скопје. Со оваа новина, граѓаните ќе можат да испратат СМС – порака за добивање информации за возниот ред, а ќе се имплементира и веб апликација за времето на пристигнување на одреден автобус на постојките и за најкраткиот и најбрзиот пат помеѓу две локации во градот. Рокот за имплементација на системот е 300 дена, со вклучен пробен период од 30 дена. Договорот за одржување на системот е склучен на 3 години, додека за неговата целосна реализација ќе се потрошат околу 3 милиони евра.
Бојан Блажевски