Локалната самоуправа од Битола објави оглас за продажба на градежно земјиште во индустриската зона „Жабени“, на просторот од некогашната касарна „Стив Наумов“, локалитетот Француски гробишта и во работната зона на излезот од Битола кон селото Новаци. На заинтересираните инвеститори им се нудат 36 локации со површина од 734 до 32.045 метри квадратни. Во зоната „Жабени“ се нудат 19 градежни парцели, при што пет се наменети за подигање на објекти за комерцијални и деловни дејности и истите се нудат по почетна цена од 900 денари за метар квадратен. На останатото земјиште ќе се градат објекти за производство, дистрибуција и сервиси, при што инвеститорите ќе можат да го купат по цена од 61 денари за метар квадратен.
Се чини дека најголем интерес и во рамките на претстојното јавно наддавање ќе има за земјиштето во рамки на некогашната касарна „Стив Наумов“. На оваа примамлива локација се нудат 14 градежни парцели со вкупна површина од 42.704 метри квадратни, на кои е предвидено да се градат хотелски комплекс, две катни гаражи, седум станбени згради со компатибилни класи на намена и четири станбени куќи. Зацртаните локации за станбени објекти имаат почетна вредност од 2.570 денари за метар квадратен, додека другите места за подигање објекти се нудат по цена од 1.003 денари за метар квадратен.
Во склоп на денешниот оглас, општина Битола нуди и две парцели за подигање на индустриски објекти во градската работна зона на излезот од Битола кон Новаци, како и неизградено земјиште со површина од 32.045 метри квадратни за реализација на здание од лесната индустрија на локалитетот Француски гробишта. Заинтересираните компании ќе можат да ги купат овие локации по почетна цена од 61 денари за метар квадратен. Субјектите кои имаат намера да учествуваат на електронското јавно наддавање треба да достават пријава најдоцна до 13 ноември. Електронската лицитација на целокупното градежно земјиште ќе се одржи на 19 ноември.
Бојан Блажевски