Проектната документација веќе се изработува, а тендерот за избор на изведувач за новиот објект на Народната банка ќе биде објавен во првото тримесечје од 2015 година. Народната банка на Република Македонија (НБРМ) се подготвува за најавената изградба на нејзиното идно седиште, кое ќе се подигне на слободната парцела помеѓу Министерството за транспорт и врски и објектот на Македонската опера и балет (МОБ) во центарот на Скопје. Проектантската фирма „ЛОУ ТЕК“ од Скопје во моментов го изработува основниот проект и неопходната документација за идното административно здание, врз основа на архитектонски труд на авторите Никола Стакинов и Лазар Димов. Тие го донираа своето идејно решение, заедно со дадената локација за изградба од Министерството за транспорт и врски.
Изградбата на новиот објект на Народната банка треба да стартува кон средината на наредната година. „НБРМ планира тендерот за избор на изведувач да го објави во првото тримесечје од 2015 година, а градежните работи да започнат кон крајот на второто тримесечје, после добивањето на градежната дозвола“ велат за „Билд“ од Кабинетот на гувернерот на НБРМ. По изработката на основниот проект ќе биде познато и колку ќе чини издигнувањето на планираното седиште на Народната банка. Административниот простор на централната банка ќе се простира на приземје и седум ката. НБРМ го доби градежното земјиште кај објектот на МОБ на почетокот од 2013 година, по донесената одлука за трајно користење од страна на извршната власт.
Бојан Блажевски