Претходна статија
ГТЦ со барокна фасада, трите куполи избришани од изведбениот проект
Следна статија
Ќе се гради пешачки мост над автопатот кон Петровец

Намален интересот за градење нови станови во август

Објавено на 09.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#По неколкумесечен раст, осмиот месец од годината повторно бележи помал интерес на инвеститорите за изградба на нови станбени површини. Според податоците на Државниот завод за статистика, во август 2014 година биле издадени одобренија за градење на 165 станови, со вкупна корисна површина од 15.327 метри квадратни. Овие бројки укажуваат на намалување за 24,3% кај бројот на предвидени станови и за 18,9% кај нивната корисна површина во споредба со идентичниот период од минатата година. Деловните субјекти ја започнале постапката на градење на 42 стана, со површина од 2.721 метри квадратни, додека останатиот простор за домување ќе го градат физички лица.

 

Во однос на преференциите на инвеститорите во овој сектор од високоградбата, најголем интерес и понатаму владее за изведба на трисобни (59) и на двособни станови (31). Погледнато по региони, во источниот регион во август 2014 година се издадени градежни дозволи за подигање на 45 станови, а потоа следат скопскиот со 30 и полошкиот регион со 26 планирани станбени единици. Општина Кочани со 45 станови што ќе се градат во наредниот период предничи пред останатите локални самоуправи во земјава, во кои севкупно е зацртана минорна бројка на изведба на овој тип недвижности.

 

Статистичарите пресметале и дека во август 2014 година се издадени 155 одобренија за градење, што е за 10,7% повеќе во споредба со истиот период лани. Предвидената вредност на објектите изнесува 904.534.000 денари, односно за 54,2% помалку во однос на август 2013 година. Од вкупниот број на градежни дозволи, 100 (64,5%) се наменети за објекти од високоградба, 11 (7,1%) за објекти од нискоградба и 44 (28,4%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 155 зданија, на 114 (73,5%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 41 објект (26,5%) инвеститори се деловни субјекти.

 

 

Бојан Блажевски