Охридската локална самоуправа планира да изгради нова пешачка патека за прошетки, на потегот од каналот Студенчишта до месноста „Свети Стефан“ како нова туристичка атракција во градот. За таа цел, денеска беше објавен оглас за избор на најповолен понудувач за реализација на првата фаза од овој проект, која е поделена на два дела – архитектура и изведба на осветлување на замислената променада. Победникот на огласот ќе има рок од 12 месеци за целосно да ја заврши изградбата на пешачката патека. Шеталиштето е планирано да биде за пешаци, велосипедисти и за ролерџии, кои ќе можат да се рекреираат и да се одморат покрај брегот на Охридското езеро.
Покрај новата патека, со проектот е зацртано да се изведе ново осветлување, хортикултурно да се уреди просторот, но и да се постават клупи за седење и канти за отпадоци. При реализација на првата фаза од изградбата на пешачката патека е предвидено да се потрошат 11.000.071 денари, без вклучен ДДВ. Конечната сума за овој проект на општина Охрид ќе се знае по изборот на најповолниот понудувач. Заинтересираните субјекти ќе треба да ги достават своите понуди на тендерот најдоцна до 17 ноември, за кога е закажано и нивното јавно отворање.
Бојан Блажевски