Напредуваат работите на проектот за систематски археолошки истражувања, конзервација и реставрација на Скопската Тврдина. Неодамна завршија градежните активности на југозападниот бедем во должина од 310 метри – дел од тврдината кој гледа кон центарот на градот и реката Вардар. Целосно се обновени и конзервирани ѕидовите, три квадратни и една кружна кула, како и јужната порта која е изведена според проект на архитектот Митко Пренџов. Изведувач на работите беше скопската фирма „Макаус“. Во моментов во тек е тендер за конзервација, реставрација и реконструкција на североисточниот Киклопски ѕид, кој е изграден од големи четириаголни делкани камени блокови, без врзувачки материјал. Неговата состојба е алармантна бидејќи ѕидот прогресивно се навалува и на него постојат големи пукнатини.
На археолошкиот фронт, каде ископувањата започнаа на 14 мај 2007 година, во моментов е затишје. Досега е опфатен поголем дел од Калето. Копано е на површина од неколку илјади квадратни метри и пронајдена е огромна количина керамички материјал, монети и разни други артефакти. Останува да се доистражи просторот на терасата на постоечкиот ресторан и се чека на негова дислокација, за што е постигнат договор со сопствениците. Инаку археолошките ископувања на тврдината беа од отворен тип за јавноста, за да може таа непосредно да се запознае со историското наследство и да се поттикне позитивен однос и грижа кон него.
Големиот проект за ревитализација на Калето се најавува дека ќе биде завршен до 2012 година и очекувањата се дека овој културно-историски споменик ќе стане магнет за граѓаните и туристите. За остварување на таа цел ќе се работи и на уредување и анимирање на просторот. Неодамна заврши тендерот за осветлување на западниот бедем, а во план е изградба на објекти како сувенирници, кафе-ресторан, мал музејски простор и археолошки центар. За овие содржини ќе се обрне особено внимание околу нивното вклопување во амбиентот. Се најавува и реставрација на средновековната црква од 13-14 век, чии остатоци беа пронајдени при истражувањата во 2008 година.
Форумска дискусија за овој проект » овде
Галерија: