Домашните и странските инвеститори го гледаат македонскиот главен град како главно поле на интерес при инвестирањето во недвижностите наменети за домување. Скопскиот регион со 3.070 комплетирани станови и во текот на 2013 година останал најатрактивна дестинација за изградба на нови станови. Општина Аеродром го држи првото место во делот на изградбата на овие недвижности – на нејзината територија се подигнати 830 станбени единици, а на ниво на Скопје, веднаш по неа следуваат Карпош и Центар. Кога станува збор за региони, по скопскиот следуваат полошкиот со 1.078 и југозападниот регион со 737 изградени станови.
Според годишниот извештај „Градежништвото во Република Македонија, 2009 – 2013“ на Државниот завод за статистика, лани била регистрирана зголемена ефикасност на градежниот сектор во делот на изведбата на станбени објекти во нашата земја. Бројот на незавршени станови во градба изнесувал 4.876 и истиот е најмал во последните пет години. Истовремено, бројот на комплетирани нови станови во 2013 година е 6.528, бројка која е убедливо највисока во периодот по 2009 година.
Во денеска објавениот годишен извештај се наведува дека продажната цена на становите минатата година била најмала во рамки на временскиот период 2009 – 2013 година и истата е заокружена на 46.825 денари од метар квадратен. Минатогодишната цена на становите е намалена за дури 4.800 денари од метар квадратен, ако се направи споредба со 2009 година. Од вкалкулираната просечна цена за еден метар квадратен, инвеститорите одвоиле 32.438 денари на трошоците за градење, 11.483 денари на трошоците за набавка, подготовка и комунално опремување на земјиштето, додека за другите трошоци биле потрошени во просек по 2.904 денари. Објавените податоци се однесуваат на оние станбени згради кои се изградени од деловните субјекти како инвеститори.
Бојан Блажевски