Министерството за култура планира да ја обнови внатрешноста на Галеријата на Никола Мартиноски во Крушево. На едно од најубавите зданија во овој град до крајот на годинава ќе се реализира ентериерно тековно одржување на ѕидовите, обнова на електричната инсталација, замена на алармниот систем, како и замена на металната ограда на приодните скали. Со претстојниот зафат е предвидено целосно да се осветли галеријата, со што ќе се врати сјајот на овој симбол на Крушево, соопштуваат од надлежното министерство. Во текот на оваа година се преземаат мерки за решавање на проблемот со складиштето за огрев во објектот, како и за пренамена на дел од внатрешниот простор во функција на галериската и музејската дејност.
Покрај високата архитектонска вредност на овој објект, во негови рамки е презентирано и вредното ликовно наследство создадено од основоположникот на македонската ликовна уметност. Минатата година, по повод 110 години од Илинденското востание, како и 110 години од раѓањето и 30 години од смртта на Никола Мартиноски, со средства на Министерството за култура целосно беше обновена надворешноста на зданието. Беа реновирани фасадата и столаријата, се изгради потпорен ѕид пред галеријата, изведен е нов одвод од објектот и хортикултурно е доуреден околниот простор.