Изградбата на нови станови од физички лица и од градежните компании со несмалено темпо продолжило и во текот на јули годинава. Според податоците на Државниот завод за статистика, во седмиот месец од годинава биле издадени одобренија за градење на 314 станови со вкупна корисна површина од 29.573 метри квадратни. Од нив, индивидуалните лица започнале да градат 148 станови со површина од 18.917 метри квадратни, додека деловните субјекти предвиделе реализација на 166 нови станови. Во споредба со јули 2013 година, забележано е намалување на бројот на предвидени станови за градење од 3,1%, додека падот кај вкупната корисна површина е 0,4%.
Статистичарите пресметале дека најголем интерес за изведба на нови станови и понатаму има во главниот град. Скопскиот регион со 180 планирани станови за градење предничи пред полошкиот регион со 73 и североисточниот регион со 24 предвидени живеалишта за изградба. Општина Аеродром е лидер помеѓу локалните самоуправи во делот на реализација на нови станови (102), пред општина Гоставар со 46 и општина Илинден со 29 предвидени станови за изведба. Инвестициите во нови објекти за домување се насочени првенствено кон двособните станови со 96 и трисобните станови со 84 планирани единици.
Во јули 2014 година се издадени 209 одобренија за градење, што е за 16,8% повеќе во однос на истиот период од минатата година. Врз основа на издадените градежни дозволи, предвидената вредност на објектите изнесува 6.453.003.000 денари, (344,2% повеќе во однос на идентичниот период лани). Од вкупниот број на одобренија за градење, 146 (69,9%) се наменети за зданија од високоградба, 24 (11,4%) за објекти од нискоградба и 39 (18,7%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 209 објекти, на 141 (67,5%) како инвеститори се јавуваат физички лица, додека на 68 објекти (32,5%) инвеститори се деловни субјекти.