Пред да се донесе конечната одлука на кој начин ќе се гради некогаш препознатливиот ресторан „Езерце“ во Градскиот парк, скопската општина Центар најпрво ќе побара советодавни услуги околу можноста истиот да се изгради по пат на соработка со приватен партнер. Локалната самоуправа денеска го распиша огласот за пронаоѓање на компанија што ќе ја изработи физибилити – студијата за оправданост на доделување на договор за јавно – приватно партнерство за изградба на ова угостителско здание, како и за поддршка во текот на водењето на целокупната постапка. Проценето е дека за оваа намена од општинскиот буџет би се издвоиле 423.728 денари без вклучен ДДВ. Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите понуди најдоцна до 19 септември, за кога е закажано и нивното јавно отворање.
Со објавувањето на огласот, локалната самоуправа од Центар го реализира следниот чекор за возобновување на боемскиот живот во Градскиот парк. Кон крајот на април годинава, општината го избра победничкото идејно решение, врз чија основа ќе се изврши предвидената изградба на ресторанот „Езерце“. На распишаниот конкурс за најуспешен беше прогласен архитектонскиот труд на авторите Филип Конески, Борко Георгиев и Иво Ѓорѓиев. Познатиот скопски угостителски објект беше срушен пред неколку години, при што целокупната околина во моментов претставува еден од ретки запустени простори во главниот скопски парк.