Македонските градежни фирми во второто тримесечје од годинава граделе поевтини објекти за индивидуално домување. Според објавените податоци на Државниот завод за статистика, трошоците во градежништвото за подигање на овој тип на зданија се пониски за 0,8% во споредба со идентичниот период лани. Статистичарите пресметале дека финансиските средства што се одвоиле за градежни материјали биле пониски за 1,6%, а трошоците за вработени се зголемиле за 1,6% во споредба со второто тримесечје од 2013 година.
Наспроти ваквите споредби со минатата година, градежните претпријатија во периодот април – јуни 2014 година сепак потрошиле повеќе финансии при реализацијата на нови домови. Издатоците за изградба на нови објекти за индивидуално домување во вториот квартал од 2014 година се зголемиле за 1,6% во однос на првите три месеци од годинава, при што трошоците за материјали се повисоки за 0,5%, додека трошоците за вработените пораснале за 4,7%.
Информациите од Државниот завод за статистика покажуваат дека најголем пораст кај трошоците за градење на нови индивидуални домови во земјава имало кон крајот на 2012 и во првите месеци од 2013 година.