По две и пол години од првичната идеја за негова изградба, плоштадот „Делфина“ во скопската населба Влае го доби финалниот изглед. Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски и вицепремиерот Зоран Ставрески вчера вечер свечено го пуштија во употреба новиот јавен простор за граѓаните, лоциран веднаш до станбениот комплекс „Порта Влае“.
*Извор на фотографија: Општина Карпош
Плоштадот се протега на површина од околу 5.000 метри квадратни, во неговиот централен дел е изведена кружна фонтана, додека за граѓаните е поставена урбана опрема и детско игралиште за најмладите посетители. На целокупниот простор е поставено јавно осветлување и истиот хортикултурно е уреден. Локалната самоуправа од Карпош одлучи новиот плоштад да го носи името „Делфина“, според истоимениот филм посветен на трикратната светска првенка во маратонско пливање, Атина Бојаџи.
Реализираниот изглед на плоштадот „Делфина“ е авторско дело на архитектите Игор Василевски и Вангел Караиванов. Градежните активности на овој проект ги изведе фирмата „Лутарико доо“, на која и беа исплатени 19.084.014 денари (над 310 илјади евра) за довршување на претходно започнатите изведбени работи.
Новиот плоштад во Влае се градеше повеќе од две и пол години. Замислата за негова изградба им беше соопштена на граѓаните во април 2012 година, додека градежните активности стартуваа во јануари 2013 година. Тогашниот проект предвидуваше јавниот простор да се протега на површина од 6.500 метри квадратни и да биде завршен до средината на март 2013 година.