Претходна статија
Италијански ITEK гради во тетовската индустриска зона
Следна статија
И „Сити Галери“ ќе се преоблече во „барок“

Државата ќе плати 4,8 милиони евра за канализацијата во „Сончев град“ и Сопиште

Објавено на 22.08.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

За изградба на фекална канализација во идната луксузна населба „Сончев град“ и во населеното место Сопиште, од државниот буџет ќе се издвојат финансиски средства во висина од 294.945.748 денари, односно 4,8 милиони евра. Изведувач ќе биде струмичката градежна фирма „Жикол“, која победи на тендерот распишан од страна на Министерството за транспорт и врски кон крајот од април годинава. Проектот ќе се реализира во временски период од 18 месеци и ќе вклучи изведба на канализациона мрежа од овие две населби кон постоечката инфраструктура во општините Аеродром и Кисела Вода. Првиот сегмент во должина од 3,8 километри ќе почнува од Сопиште до крстосницата меѓу булеварите „Србија“ и „Борис Трајковски“, додека втората ќе почнува од Сопиште преку регионалниот пат Р302 кон колекторот во Горно Лисиче.

 

Покрај фекалната канализација, надлежното министерство треба допрва да најде изведувач за изградба на водоводната мрежа кон елитната населба „Сончев град“, која исто така треба да се гради од средствата на сите граѓани на земјава. Државата преку ЈП за државни патишта во моментов го гради регионалниот пат Р2138, кој преку падините на Водно треба директно да ја поврзе луксузната населба со центарот на Скопје. Цената на овој градежен зафат изнесува 6,7 милиони евра. „Сончев град“ ќе се простира на површина од 83,56 хектари и ќе го гради турската компанија „Џеваир Холдинг“.