Градот Скопје предвидува дека ќе потроши 167.492.711 денари (околу 2,7 милиони евра) за промена на изгледот на фасадата на објектот „Сити Галери“, лоциран на плоштадот „Македонија“. Оваа проценета вредност на проектот без вклучен ДДВ е објавена во огласот за избор на градежна компанија, која што треба да ги изведува реконструктивните активности во чии рамки ќе се направи комплетна промена на надворешниот изглед на овој трговски центар во стилот на околните објекти од владиниот проект „Скопје 2014“. Заинтересираните компании треба да ги достават своите понуди до Град Скопје најдоцна до 10 септември.
Идниот изглед на фасадата на „Сити Галери“:
Идејниот проект за новата фасада на „Сити Галери“ ја изработија авторите Лазар Димов и Никола Стакинов, а основниот проект за претстојната реконструкција е дело на „Инком Инженеринг“ од Скопје. Градската управа веќе три години најавува промена на постоечкиот препознатлив изглед на сите објекти што се протегаат околу централниот плоштад „Македонија“. Архитектот Славко Брезовски, автор на објектот „Сити Галери“ (тогаш Стоковна куќа „НАМА“) пред шест месеци изрично се изјасни дека е против промена на изворната фасада и дека нема да даде согласност за овој потег.
Покрај „Сити Галери“, следниот симбол на модернизмот во Скопје што ќе потклекне на промената на надворешниот изглед е објектот „Метропол“, изграден во 30-тите години на минатиот век.