Претходна статија
Привршува изградбата на далноводот „Битола 3“ - „Битола 4“
Следна статија
Реконструирана уште една фасада на станбен објект во општина Центар

Значително зголемен интересот за изградба на станови во јуни

Објавено на 14.08.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Инвестицискиот циклус во изградба на нови станови во земјава не запира. Само во текот на јуни 2014 година е регистрирано зголемување на бројот на предвидени станови за градење од 46,7%  во споредба со истиот месец минатата година, додека порастот кај нивната корисна површина изнесува 30,9%. Според податоците на Државниот завод за статистика, локалните самоуправи во текот на шестиот месец од годинава издале градежни дозволи за подигање на 292 станови со вкупна корисна површина од 26.765 метри квадратни. Деловните субјекти обезбедиле одобренија за градење на 136 станбени единици со површина од 8.847 метри квадратни, додека останатите живеалишта ќе се градат од страна на физички лица.

 

 

 

Интересот за изградба на овој вид недвижности во текот на јуни бил првенствено насочен кон трисобните станови, кои во идните згради ќе бидат вкупно 68 на број, а потоа следуваат еднособните (59) и двособните станови (57). Скопскиот регион со 125 предвидени станови за градење предничи пред југоисточниот регион со 51 и полошкиот регион со 41 живеалишта, што се најавени дека ќе се градат во иднина. Кога станува збор за општините, најмногу станови е предвидено да се реализираат во скопската општина Гази Баба – вкупно 75, а потоа следуваа Струмица со 42 и Штип со 30 планирани станови.

 

Во јуни 2014 година се издадени 169 одобренија за градење, што е за 6,1% помалку во споредба со јуни 2013 година. Предвидената вредност на објектите изнесува 1.933.421.000 денари (34 милиони евра) или за 28,2% повеќе во однос на истиот период лани. Од вкупниот број на издадени градежни дозволи, 126 (74,6%) се наменети за објекти од високоградба, 18 (10,6%) за објекти од нискоградба и 25 (14,8%) за реконструкција на објекти. Најголем дел, односно 119 (70,4%) одобрениа  за градење добиле физички лица, а 50 (29,6%) одобренија добиле деловните субјекти.