МЕПСО до почетокот на септември годинава целосно ќе ја заврши изградбата на новиот двосистемски 110-киловолтен далновод што ги поврзува трансформаторските станици „Битола 3“ и „Битола 4“. Со ставањето под напон на оваа инвестиција од 2,4 милиони евра ќе се поврзат сите четири трансформаторски станици од преносната мрежа во битолскиот регион, со што во иднина ќе се сведе на минимум ризикот од испади во системот. Трансформаторските станици „Битола 2“ и „Битола 3“ МЕПСО ги поврза во ноември минатата година. Вицепремиерот Владимир Пешевски и генералниот директор на МЕПСО Синиша Петров денеска извршија работна посета на трасата на новиот далновод, на која се запознаа со неговите карактеристики.
„Сега се монтираат елементите од електроопремата со која се поврзува новиот двосистемски далновод преку подземен кабел со далноводното поле во трансформаторската станица Битола 4“, изјави директорот на МЕПСО Синиша Петров. Должината на далноводот изнесува 10 километри, од кои 700 метри се подземен кабел што минува низ населбата нова Битола. Овој инфраструктурен проект во кој се поставува подземен кабел што ги заменува далноводните столбови и проводните јажиња е прв од таков тип во нашата држава.