Во Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје неодамна беше извршена реконструкција, адаптација и доградба на Ургентниот центар со вкупна површина од 900 метри квадратни. Финансиите за реализација на проектот ги обезбеди Болницата, како и Амбасадата на САД во Република Македонија, со донација во висина од 480 илјади долари.
Проектот за реконструкција и доградба на Ургентниот центар во ГОБ „8-ми Септември“ претставува проект со кој се задоволуваат зголемените потреби за ургентен/интервентен прием на пациенти до кои дојде со трансформацијата на Воената болница во Градска болница. Негова основната карактеристика претставува зонирањето на просторите според групите на корисници кои се јасно диференцирани уште на самиот влез во Ургентниот центар каде што се врши категоризација на пациенти. За итните случаи обезбеден е посебен влез преку кој пациентот директно се внесува во салата за реанимација.
Ургентниот центар располага со интернистичка и хируршка амбуланта како појдовна точка за дијагностицирање на потребите, соби за опсервација и стабилизација на пациенти како и целосно опремен операционен блок кој на располагање има две операциони сали. Вкупната површина од 900 метри квадратни ги задоволува сите европски стандарди во однос на просторните барања и организациска поставеност.
Пристапот во уредувањето на внатрешноста е воден од дизајн базиран на докази (Evidence-based design) чии основни принципи се влијание на состојбата на пациентите и медицинскиот персонал преку изборот на бои и игра со светлина. Основната цел е подобрување на психо-физичката здравствена состојба, намалување на стресот и болката и побрзо закрепнување на пациентите со креирање на простор кој лекува (healing space). На ѕидната површина во коридорите се јавува custom made графичко дело на архитектот/дизајнер Теа Ичева со што дополнително се разбива стереотипната слика за здравствена установа.
Технолошки најкомплексна единица на Ургентниот центар претставува Оперативниот Блок. Изведбата на модуларни операциони сали е новитет кој е применет во овој проект додека модуларните ѕидни панели овозможуваат поставување на сите потребни инсталации внатре во ѕидовите. Ваков тип на инсталации обезбедува лесна и брз демонтажа при било каква потреба од интервенција. Технологијата на изработка на панелите со сребрени јони во завршниот слој заедно со полиуретанските електростатски подови создава иделно чисти/бели простори со што се постигнува европското ниво во креирање на операциони сали.
За изведба на објектот беше ангажирана компанијата „ДОТ Архитекти“ од Скопје која со специјализираниот оддел „ДОТ Медикал” воедно го комплетно измени и приспособи проектот за изведба. При изведбата употребени се најнови материјали и технологии со што е подигнато нивото и стандардите на архитектурата во здравствените објекти во Македонија. Комплексноста на изборот на материјалите, изведбата, како и современата технологија вметната во инсталациите ги запазува сите норми за енергетска ефикасност, и воедно визуелно импресионира со современ дизајн.
Галерија: