После неколку неуспешни обиди за продажба на градежно земјиште наменето за изградба на хотели во планинскиот спортско – рекреативен центар Пониква, за кои досега воопшто немаше интерес, општина Кочани конечно привлече заинтересиран инвеститор и реализираше успешна аукција. Од двете понудени парцели за хотели со површина од 1.625 и 1.932 метри квадратни и почетна цена од 61 денар за квадрат, се најде купувач за поголемата. Земјиштето го доби со само едно минимално наддавање од 10 денари, односно 71 денар за метар квадратен.
На аукцијата исто така беа понудени шест плацеви во месноста Драчевик за изградба на објекти за мало стопанство и лесна индустрија, но за нив немаше купувачи. Во Кочани во моментов најголем интерес владее за парцели за викендички и индивидуални куќи. Пред десетина дена локалната власт продаде пет плацеви за викенд куќи на Пониква и седум плацеви за објекти за индивидуално домување на повеќе локации низ градот.