Најдоцна до октомври годинава треба да се знае градежната компанија што ќе ги изведува работите за премостување на булеварот „Гоце Делчев“ до објектот на Македонската опера и балет [»мапа]. Бирото „Урбан стил Инженеринг“ веќе го заврши основниот проект за втората фаза од изградбата на плоштадот „Скендербег“, а тендерот за избор на изведувач што неа ќе ја реализира ќе се распише во текот на наредната недела. Рокот за изведба на премостувањето е една година и истото е зацртано да се заврши до октомври 2015 година.
Визуелизации:
Вкупната површина на плоштадот „Скендербег“ ќе изнесува 28.674 метри квадратни. Новиот јавен простор ќе има фонтана, урбана опрема, клупи и амфитеатар пред платото на Даутпашиниот амам. Околу 30 отсто од површината на плоштадот ќе биде хортикултурно уредена, додека останатиот простор ќе се поплочува. По завршувањето на втората фаза, предвидено е во последната етапа да се изгради и подземен паркинг на две нивоа, со што ќе се реши проблемот со паркирање во кругот на скопската чаршија.
Идејното решение за изградба на плоштадот „Скендербег“ го изработи бирото „Архинг Груп“. Почетната фаза од остварувањето на овој проект беше финализирана пред повеќе од една година, со која беше изведено платото над комплексот дуќани на улицата Казанџиска во склоп на чаршијата.