Претходна статија
Камен - темелник за барокната палата „Емануел Чучков“ на Бихаќка
Следна статија
Ставени под напон две инвестиции на МЕПСО вредни 4 милиони евра

Возиме автомобили, се убиваме самите себеси

Објавено на 16.07.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Бројот на автомобили во Македонија континуирано расте, за сметка на користењето на автобускиот и на железничкиот сообраќај. Државниот завод за статистика во најновата публикација „Одржлив развој, 2014“ укажува дека патничките автомобили се и понатаму најдоминантното превозно средство во патниот копнен сообраќај. Податоците покажуваат учество на автомобилите од 79% во вкупните патнички километри, наспроти намалувањето на превозот со автобуси и со железница. „Зголемената побарувачка за автомобили директно влијае на структурата на патничкиот копнен сообраќај, негативно се одразува на животната средина и здравјето, особено што со голем број возила се превезуваат мал број патници“, се наведува во извештајот на Државниот завод за статистика.

 

Идентично како и во патничкиот сообраќај, во копнениот товарен транспорт доминира патниот превоз со учество од 92,4% во вкупните тон – километри во 2013 година. Железничкиот превоз на стоки бележи мал раст во текот на изминатата година, со зголемено учество од 7,6%. Дека во Македонија нешто не е во ред со стратешката политика за развој на транспортот, покажуваат и податоците за енергетската потрошувачка во рамките на овој сектор. Таа се зголемува во просек за 2% на годишно ниво, при што патниот сообраќај достигнал учество од огромни 98,6% во енергетската потрошувачка на транспортот во 2012 година.

 

Според изнесените статистички информации, патниот сообраќај доживеал континуиран раст на потрошувачката на енергија од 2,8% годишно во периодот од 2000 до 2012 година. Учеството на железничкиот сообраќај е речиси непроменето, при што во периодот од пред две години тоа изнесувало 1%, додека ависообраќајот имал удел во енергетската потрошувачка од минимални 0,4%.