Големо зголемување на бројката на станови што е планирано да се градат во наредниот период. Според податоците на Државниот завод за статистика, во текот на мај 2014 година биле издадени градежни дозволи за подигање на 504 станови, со вкупна корисна површина од 43.765 метри квадратни. Во споредба со идентичниот период лани, бројот на предвидени станови за градење е зголемен за дури 42,4%, додека нивната вкупна површина порасна за 24,9%. Деловните субјекти добиле одобренија за градење на 200 станбени единици со површина од 14.455 метри квадратни, а во останатите живеалишта ќе инвестираат физички лица.
Од вкупно 514 станови, најголемиот дел или 217, е зацртано да бидат трисобни, додека 141 ќе имаат по две соби. Статистичките податоци покажуваат дека најмногу станови ќе се градат во скопскиот регион – 147, а по него следуваат полошкиот со 137 и југоисточниот регион со 109 единици. Кога станува збор за распределбата по локални самоуправи, најмногу градежни дозволи се доделиле во Општина Струмица, и тоа за 103 станови, потоа следува Општина Гостивар со 81 и Општина Центар, каде што е планирано да се гради 51 стан.
Во мај 2014 година се издадени 194 одобренија за градење, што е за 7,2% помалку во однос на истиот период од минатата година. Предвидената вредност на објектите изнесува 5.849.517 илјади денари или за 236,3% повеќе во споредба со мај 2013 година. Ваквиот огромен пораст се должи на изградбата на двете нови автопатски делници во земјава. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 139 (71,7%) се наменети за објекти од високоградба, 27 (13,9%) за објекти од нискоградба и 28 (14,4%) за објекти за реконструкција. Кај 150 објекти (77,3%) како инвеститори се јавуваат физички лица, додека на 44 објекти (22,7%) инвеститори се деловни субјекти.