Лани во земјава биле изградени 6.528 станови со вкупна површина од 557.103 метри квадратни, бројка што е највисока во споредба со останатите години од периодот 2009-2013 година. Само во однос на 2012 година, бројката на нови станови се зголемила за 1,5%. Наспроти ваквиот пораст, Државниот завод за статистика забележал намалување на просечната цена на становите изведени од деловните субјекти, при што истата изнесувала 46.825 денари за метар квадратен и е најмала во изминатиот петгодишен период. Ова се статистичките податоци за придвижувањата во овој сектор на недвижности, објавени неодамна во „Статистичкиот годишник на Република Македонија, 2014“.
Во овој документ е наведено дека за изградба на станбени згради во 2013 година биле вложени 15.974.180.000 денари, што е најголема сума во споредба со периодот 2009-2013 година. Како и досега, скопскиот регион убедливо предничи според бројот на новоизградени објекти во, а по него следат полошкиот и југозападниот регион. Интересен е и статистичкиот податок дека лани најмногу се граделе трисобни станови (учество од 35,6% од реализираните станбени единици), но истовремено рапидно пораснал бројот на четирисобни, пет и повеќесобни станови. Овие големи живеалишта во 2013 година учествувале во 27,7% од целокупната изградба, наспроти нивната процентуална застапеност од 10,3% во 1993 година.
Државниот завод за статистика секоја година изготвува Статистичкиот годишник, документ во кој се публикуваат основните податоци за демографската, социјалната и економската состојба во Република Македонија.