Бугарската градежна компанија „Понс Строинженеринг“ го започна процесот за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Прилеп, со која ќе се прибираат и пречистуваат водите од Градска река. Овој капитален инфраструктурен проект ќе се гради во наредните две години и предвидено е да се заврши до крајот на јуни 2016 година. Финансиската вредност на пречистителната станица во градот изнесува 20 милиони евра, кои се обезбедени од ИПА фондовите на ЕУ за заштита на животната средина.
Паралелно со изведбата на овој зафат, во Прилеп ќе се изврши и реконструкција на фекалната канализација во должина од 23 километри. За изведувач на овие санациони активности е избрана германската компанија „Лудвиг Фајфер“, со локални подизведувачи од Македонија. По завршувањето на оваа фаза, прилепското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ ќе продолжи со санацијата на дополнителни 45 километри од канализационата мрежа, со што истата речиси целосно ќе се обнови.