Претходна статија
За заштитениот дел на Студенчишко блато ќе се изработи архитектонско - урбанистички проект
Следна статија
Град Скопје за барокни фасади годинава ќе издвои 2,32 милиони евра

Архитектите бараат референдум за зачувување на автентичноста на ГТЦ

Објавено на 04.07.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) поднесе иницијатива до општина Центар за распишување референдум за поддршка на идејата за зачувување на автентичноста на архитектурата на објектот, духот и карактерот на ГТЦ. Претседателката на ААМ, Сања Раѓеновиќ Јовановиќ на денешната прес – конференција објасни дека асоцијацијата воопшто не е информирана што ќе опфати претстојната реконструкција и надградба на трговскиот центар. Единствениот однос што нарачателот на проектот го има кон ААМ е молк, при што архитектите немаат моќ и инструмент на дејствување за да ја спречат натамошната реализација на промената на изгледот на ГТЦ, која во моментов е сведена на изработка на основниот проект.

 

 

 

Од ААМ посочуваат дека евентуалниот обид за реализација на градежниот зафат од раководството на ГТЦ може да заврши успешно, по неодамнешните измени на Законот за градење. „ГТЦ е со адреса на Кеј 13 Ноември и е воедно главна улица во градот. Според Законот за град Скопје главните улици спаѓаат под Градот и градот дава одобрение за градење. Што значи за фасадното менување и доградбата на ГТЦ одобрение за градење на Основниот проект ќе издаде градот, а не општина Центар“, објаснуваат од Асоцијацијата на архитекти.

 

Покрај молкот на нарачателите на барокната фасада и надградбата на ГТЦ, ААМ упатува критика и до Комората на овластени архитекти и инженери и до трите архитектонски школи во земјава – факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, „Американ Колеџ“ и Тетовскиот универзитет. Од асоцијацијата информираат дека испратиле допис до овие субјекти за да земат учество во обраќањето до јавноста и да го кажат својот став, но не добиле одговор од никого. Минатогодишната граѓанска иницијатива „Го сакам ГТЦ“ ќе продолжи да дејствува под мотото „Го сакам ГТЦ повеќе од кога било“.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект