Агенцијата за катастар на недвижности во наредниот период ќе им пружи на граѓаните три новини во нејзиното работење. Премиерот Никола Груевски денеска ги претстави новите проекти на кои ќе работи оваа институција. Првиот проект е поврзан со бесплатната изработка на елаборати за легализација на дивоградбите за околу 60.000 лица кои припаѓаат на социјално ранливите категории, службена должност што Катастарот ќе треба да ја реализира за да им се помогне на оваа група граѓани да го завршат процесот на легализација.
Особено значајна измена е и воведувањето на регистар на цени на пазарот на недвижности. Катастарот во овој регистар ќе ги внесува цените на сите продадени недвижности во земјава. Со овој проект конечно ќе им се овозможи на граѓаните и на компаниите увид во движењето на вредноста на недвижностите во Македонија.
Третата клучна измена е создавањето електронски шалтер на Агенцијата за катастар на недвижности, со која граѓаните ќе можат полесно да ја завршат својата работа. „Услугите од Катастарот ќе се користат по електронски пат што значително ќе ја забрза работата во услужувањето на граѓаните“, изјави премиерот Никола Груевски.