Претходна статија
Милениумскиот крст ќе се реконструира во наредните девет месеци
Следна статија
Странци ќе не советуваат за планираните туристичко - развојни зони

Започна реконструкцијата на скопската железничка станица

Објавено на 29.06.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По неколкугодишно одложување на стартот на работите, започна реконструкцијата на железничката станица во Скопје. Целиот објект е претворен во огромно градилиште, а во моментов се отстранува градежниот шут на приземјето и на перонската платформа. Реконструктивниот зафат ќе опфати целосно уредување на приземјето, мезанинот и платформското ниво. Со проектот ќе се подигне нивото на постоечките перони на железничката станица, ќе се постават два нови лифта, ќе се заменат постоечките скали од мезанинот до платформата, ќе се реновираат чекалните, ќе се обнови влезот на станицата со овозможување на пристап за лицата со хендикеп и ќе се санираат тоалетите.

 

####

 

 

Покрај градежните активности, реконструкцијата на железничката станица во Скопје е предвидено да донесе и многу нови технолошки новитети. Ќе се постават нови информативни табли за патниците, а на покривот од платформите ќе се инсталира фотонапонски систем што ќе произведува електрична енергија за потребите на станицата. Проектната документација за зафатот ја изработи холандски „Гронтмеј“ (Grontmij). За изведувачи на градежните работи се избрани домашните фирми „Инком Инженеринг“, „Бонор Инженеринг“ и „Глобоцки“. Надзорот над изведбата на реконструкцијата ќе ја врши италијанската „АРС Проџети.“ (ARS Progetti SpA).

 

Санацијата на скопската железничка станица треба да заврши најдоцна до 15 април 2015 година. За целосна реализација на проектот се издвоени средства во висина од 2,5 милиони евра, од кои 85% се обезбедени од европските ИПА фондови, додека преостанатата сума доаѓа од државниот буџет.