Советот на Град Скопје го усвои новиот надворешен изглед на уште четири постоечки објекти од строгиот центар на градот. Се работи за објектите „Стар Метропол“ и „Сити Галери“ на плоштадот „Македонија“, како и на две згради лоцирани на централните улици „Македонија“ и „Никола Вапцаров“. Градските советници се ставија во улога на архитекти и ги избраа барокните предлози во рамките на изготвената проектна документација на бироата „Инком Инженеринг“ од Скопје и „Проинг“ од Битола.
Објект на ул. Никола Вапцаров бр.10
Локалните власти од главниот град ја образложуваат оваа одлука врз основа на можноста од членот 67 – а од Законот за градење, кој ја дозволува опцијата советот да го избере изгледот на објектите од централното градско подрачје, доколку се утврди дека тоа е од значење за општината.
Објект на ул. Никола Вапцаров бр.45
Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) пред пет месеци жестоко реагираше на донесувањето на овие измени во Законот за градење со кои се девалвира трудот на авторите на идејните решенија. „Архитектурата е наука, се изучува на универзитет и е одраз на научна и естетска студија од што произлегува дека архитектите се единствени стручни и компетентни во формирањето на сликата на градот“, истакна тогаш претседателката на ААМ Сања Раѓеновиќ – Јовановиќ.
Објект „Сити Галери“ на плоштад Македонија
Денешната одлука на градските советници не е прва во однос на утврдувањето на фасадите на препознатливи зданија од центарот на македонската метропола. Советот на Град Скопје во февруари 2014 година го утврди барокниот изглед на 15 деловни и станбени зданија на улиците „Никола Вапцаров“, „Димитрија Чуповски“ и централната пешачка зона „Македонија“.
Објект „Сити Галери“ на плоштад Македонија