Пред да продолжи изградбата на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, ќе мора да се подготви проектната документација за втората и третата фаза, со кои е предвидено премостување на булеварот „Гоце Делчев“ до објектот на Македонската опера и балет. Локалната самоуправа од Чаир веќе склучи договор за изработка на проектите за следните две фази со Друштвото за градежништво и услуги „Урбан Стил Инженеринг“ од Скопје, кои се должни архитектонските и инженериските услуги да ги завршат во рок од пет месеци. За оваа намена од општинскиот буџет веќе се одвоени 26.986.600 денари, односно над 430 илјади евра. Главниот проект ќе се работи врз основа на идејното решение изготвено од „Архинг Груп“.
И покрај неодамнешните ветувања на општина Чаир, очекувањата се дека градежните работи на плоштадот „Скендербег“ сепак нема да можат да продолжат во првично најавениот рок – јуни 2014 година. Покрај времето што е потребно за да се изработи проектот, работите ќе доцнат и поради фактот што локалната самоуправа допрва треба да го објави тендерот за избор на градежна компанија, процес што може да одземе неколку месеци пред почетокот на изведбените активности.
Скопскиот плоштад „Скендербег“ е предвидено да се простира на површина од 28.674 метри квадратни. Идниот јавен простор на граѓаните ќе се добие со премостувањето на булеварот „Гоце Делчев“, опсежен зафат што треба допрва да се реализира. Со последните две фази од овој проект е планирано да се изведе и подземен паркинг со две нивоа, со што ќе се одговори на огромната побарувачка за слободни паркинг места во близина на скопската чаршија.