Според податоците на Државниот завод за статистика, во март била предвидена изградба на 592 станови, со вкупна корисна површина од 65.077 метри квадратни. Споредено со истиот месец лани, бројот на планирани станбени објекти што добиле градежна дозвола пораснал за минимални 0,5%, додека позначително зголемување од 44,6% е констатирано кај корисната површина на становите. Физичките лица се стекнале со одобрение за градење на 201 стан, со вкупна површина од 20.872 метри квадратни, додека деловните субјекти е предвидено да градат 391 стан.
Инвеститорите во овој вид недвижности во текот на март 2014 година најмногу заинтересирани биле за изградба на трисобни (243) и двособни станови (154). Притоа, скопскиот регион предничи со издадени градежни дозволи за објекти со вкупно 432 предвидени станбени единици. По него, следуваат источниот регион со 46 и југозападниот регион со 42 предвидени станови за изградба. Во делот на локалните самоуправи, најмногу станови е предвидено да се градат во општина Сопиште – вкупно 313 живеалишта со површина од 38.493 метри квадратни. Во скопски Центар е предвидено да се градат 50 станови, а во Струга 41 стан.
Во третиот месец од годинава е забележано севкупно позитивно придвижување во градежниот сектор. Статистичарите пресметале дека во овој период се издадени 253 одобренија за градење, што е за 9,5% повеќе во однос на истиот период од минатата година. Предвидената вредност на објектите изнесува 21.644.061.000 денари (352 милиони евра), што е 683,6% повеќе во однос на истиот период од минатата година. Главната причина за ова драстично придвижување е изградбата на новите две автопатски делници и рехабилитацијата на железнички пруги.
Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 196 (77,5%) се наменети за објекти од високоградба, 30 (11,8%) се за објекти од нискоградба и 27 (10,7%) за реконструкција на објекти. Од вкупно 253 објекти, на 114 (45,1%) како инвеститори се јавуваат физички лица, додека на 139 објекти (54,9%) инвеститори се деловни субјекти.