Локалната самоуправа од скопската општина Центар продолжува со спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност врз постарите станбени објекти лоцирани на нејзината територија. Од општината денеска соопштија дека е комплетирана изведбата на термички фасади на уште две згради на булевар „Илинден“, во кои беа вложени 7 милиони денари. Станбените објекти се лоцирани на крстосницата помеѓу булеварот „Илинден“ и „Рузвелтова“, спроти скопската зоолошка градина. „Секоја фасада се прилагоди на архитектурата на зградата и желбите на станарите. Овие две фасади се дел од композицијата од шест згради, од кои секоја нова фасада ќе се разликува во еден гест, со пермутација на бои“, се наведува во соопштението на општина Центар. Градежните работи ги изведе фирмата „Пелагонија“ од Гостивар.
На јавниот повик од општина Центар минатата година се пријавија 32 колективни станбени згради, кои е предвидено да се вклучат во проектот за обнова на фасадите. Со изведбата на енергетско ефикасни фасади на станарите од овие згради ќе им се намалат сметките за топлинска енергија за една третина. Само во текот на оваа година е зацртано да се санираат 11 фасади со средства од општинскиот буџет. Како следни во низата се предвидени зградите на улицата Рајко Жинзифов 49а и на улицата Франклин Рузвелт 50а.
Пред:
Потоа: