Без ниту еден пристигнат труд од областа на урбанизмот и ниту еден истражувачки труд, вечерва во Музејот на Град Скопје свечено беше отворено XVII Биенале на македонската архитектура, настан кој годинава се одржува под насловот „Паралелни светови“. Оваа манифестација во наредните тринаесет дена ќе ја собере стручната јавност и граѓаните на предавања, изложби, дискусии и презентации, на кои ќе учествуваат домашни архитекти, но и гости од Холандија, Србија, Словенија, Германија, Франција, САД и Чиле. Покрај во Музејот на Град Скопје, дел од случувањата се поместени и во Националната галерија „Мала станица“.
Во своето вечерашно обраќање пред присутните, Билјана Филиповска како селекторка на БИМАС 2014 соопшти дека архитектонската фела испратила 112 проекти и реализации, одраз на творештвото во изминатите две години. Мал дел од авторите кои со своите трудови учествуваат во владиниот проект „Скопје 2014“ се одлучија да ја игнорираат оваа значајна манифестација. „Ниту еден проект од „Скопје 2014“ не беше пристигнат и затоа не е изложен на биеналето“, нагласи Филиповска. Со пригоден говор на вечерашното отворање настапија и претседателката на Асоцијацијата на архитекти на Македонија Сања Раѓеновиќ Јовановиќ и претседателот на БИМАС 2014 Мартин Пановски, кои дадоа краток пресек на активностите што ќе следуваат во следните тринаесет денови.
Во програмата на БИМАС 2014 е предвидена дискусија на особено актуелната тема „Авторски права на архитектите“, која ќе се одржи на 10 мај во Музејот на Град Скопје. Веќе наредниот ден следи уште една дискусија под модераторство на Боштјан Бугарич од Германија, на тема „Architectuul / Unfinished Macedonia“. Меѓу поважните случувања на овогодинешното биенале ќе биде и дебатата насловена како „Паралелни светови“, на која ќе биде домаќин Музејот на Град Скопје на 13 мај.
На еден ден пред затворањето на манифестацијата, архитектот Даниел Серафимовски во соработка со Serious Interests Agency ќе ја одржи дискусијата на тема „Отворена архива“, која ќе биде завршеток на проектот – изградба на архива за зданијата околу нас што со сета сила некој се труди да ги избрише од просторот. Во проектот – архива секој може да допринесе во текот на наредните денови на БИМАС 2014, носејќи ги своите цртежи, фотографии, научни трудови, книги, лични истражувања, уметнички проекти и видеа во просториите на Музејот на Град Скопје.
Покрај занимавањето со самите себеси, БИМАС 2014 ќе понуди интересни изложби и дискусии за архитектурата во светски рамки. Франциско Диаз ќе одржи предавање за современата чилеанска архитектура, додека Урош Лобник и Томаж Канцлер ќе имаат предавање на тема „Современата архитектура на Марибор – 20 години“. Во официјалната програма се поместени и редица на други занимливи случувања, како и комерцијални презентации на компаниите „Кнауф“ и „Електро дизајн“. Свеченото доделување на наградите на БИМАС 2014 ќе се одржи на 19 мај, со што и официјално ќе биде затворен најстариот и најзначајниот собир на македонските архитекти.
Како увертира на годинешната манифестација, претседателката на ААМ Сања Раѓеновиќ Јовановиќ во публикуваниот каталог со пристигнатите трудови укажува на искушенијата со кои се соочуваат овдешните професионалци денес. „17-тото Биенале на македонската архитектура се одржува во еден можеби најделикатен момент во архитектонското творештво, момент кога е особено важно многу да се зборува за архитектурата, момент кога се создава архитектура која ги игнорира архитектите и се брани од нив, момент кога паралелно се создаваат два сосема спротивни света, две сосема различни слики“, поентира во својот воведен текст претседателката на ААМ Раѓеновиќ Јовановиќ.
Програма: