После неколку години во најава и четири неуспешни тендери, ЈСП-Скопје прави нов обид за воведување на системи за автоматско лоцирање на возилата и за електронски систем за наплата на билети. Најновиот тендер следи по минатогодишното поништување на двата тендера, на кои победија турски „Кенткард“ и чешката фирма „Микроелектроника“. Со овој проект е предвидено да се исфрлат од употреба хартиените билети и досегашните поништувачи на билети, за сметка на новите електронски картички што граѓаните ќе мораат да ги купат пред да ги користат услугите на јавниот превоз. Зацртана е набавка на 200.000 електронски картички и 50 уреди за нивна контрола.
Од ЈСП-Скопје за весникот „Дневник“ истакнуваат дека најповолниот понудувач ќе треба да монтира три автомати за купување на електронски картички на најфреквентните станици, а овие билети ќе се продаваат и во постоечките билетарници. Избраната компанија ќе треба да монтира и нови валидатори во околу 500 автобуси, со што ќе се создадат услови за автоматско одземање на определената сума за едно возење од електронските картички на граѓаните. За целосна реализација на овој проект е пропишан временски рок од дури 46 месеци, иако очекувањата се истиот да се спроведе за најдоцна 30 месеци. Покрај искуството од сите поголеми европски градови, електронски систем за наплата веќе воведе и Прилеп од пред неколку дена, и тоа од самиот почеток на функционирањето на јавниот превоз во овој град.
Покрај новиот систем за наплата, на меѓународен тендер се бара компанија што ќе постави GPS уреди за сателитско следење на возилата и диспечерски центар за нивно следење, кој ќе биде лоциран во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“. Заедно со нивното монтирање, на фреквентните автобуски станици ќе се постават 40 нови информативни дисплеи кои ќе имаат задача да ги информираат патниците за времето на пристигнување на автобусите од градскиот превоз. Вкупната проценета вредност на двата проекти изнесува 120 милиони денари или околу 2 милиони евра. Заинтересираните компании треба да ги достават своите понуди најдоцна до 16 јуни.