Продолжува промената на изгледот на зградите од централното градско подрачје на Скопје. Градот потпиша договори за реконструкција на фасадите на објектите со број 2, 3 и 4 на улицата „Никола Вапцаров“ и број 22, 23 и 24 на улицата „Димитрие Чуповски“. За изведувач на градежните работи е избрана фирмата „Пелагонија“ од Гостивар, на која од градската каса ќе и бидат исплатени 64.985.399 денари или над милион евра. Градежниот зафат ќе се одвива во наредните шест месеци, при што објектите ќе добијат нова фасада од страната што гледа кон овие фреквентни улици.
Основните проекти се изготвени од страна на бироата „Архитектоника“ од Скопје и „Проинг Љубе“ од Битола, кои беа избрани од градските власти за оваа намена во февруари минатата година. Наспроти постоечката разновидност на архитектонски стилови, идните фасади на објектите планирани за реконструкција ќе го следат неокласицизмот и барокот, правци што и досега се фаворизираа од државната и од локалните власти. Идејните решенија за санација на сите фасади ги изработија авторите Звонко Ставрески и Жарко Чаушевски, кои победија на распишаниот Конкурс од страна на Град Скопје во октомври 2012 година.
Според информациите достапни на веб – страницата на Бирото за јавни набавки, само во април годинава се објавија договори за реконструкција на постоечките фасади во центарот на Скопје во вредност од 2 милиони евра. Пред помалку од две недели беа обелоденети договорите за санација на фасадите на три објекти долж улицата „Македонија“, за што од буџетот на Град Скопје се издвоија 915 илјади евра.